Денеска се отвора ТРИАНГЛА Fashion Park – нов современ трговски и деловен комплекс

Вечерва, со почеток во 18:00 часот, официјално се отвора ТРИАНГЛА Fashion Park – нов современ трговски и деловен комплекс.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски сподели дека инвестиција вредна 10 милиони евра, е реализирана на површина од 15.000 метри квадратни, од кои 6.500 метри квадрати се наменети за изнајмување.

Во рамки на комплексот се изградени и бизнис центар и хотел со површина од 5.000 метри квадратни, како и подземен паркинг со над 200 паркинг-места.

„Оваа инвестиција претставува значаен чекор во унапредувањето на локалниот економски развој. Новиот комплекс создава услови за отворање нови работни места, привлекување нови бизниси, проширување на трговските и услужните дејности и зголемување на економската активност во општината“, истакна Стефковски.

Дополнително, како што вели тој, ваквите инвестиции придонесувале за поголема атрактивност на Гази Баба за идни инвеститори, отворале можности за соработка со локалните компании и создавале предуслови за развој на дополнителни услужни дејности.

„ТРИАНГЛА Fashion Park е повеќе од нов трговски комплекс. Тој е дел од развојната приказна на Гази Баба – приказна во која инвестициите, новите бизниси и економските можности придонесуваат за создавање поразвиена, подинамична и поконкурентна локална економија. Со вакви проекти, Гази Баба добива нови содржини, поголема деловна активност и дополнителен потенцијал за економски раст“, порача градоначалникот.