Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба

Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба. 

На 23 октомври 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. 

Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. 

По повод одбележувањето на денот владата денеска во 10:00 часот ќе организира положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје. 

На настанот ќе биде присутна владина делегација составена од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. 

Празникот се празнува од 2007 година кога бил донесен и изгласан новиот закон за државни празници.  

Денешниот ден е неработен за сите граѓани.