Денеска пратениците ќе гласаат за новите членови на Владата

Собранието денеска се очекува да ја започне 112. седница на која треба да бидат разрешени и избрани нови членови на Владата.

Собранието треба да го разреши Игор Филков, министер за правда (ЗНАМ), а на негово место да го избере Јетон Шасивари (Вреди).

Иван Стоилковиќ (Коалиција ВМРО-ДПМНЕ), ќе биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците, а ќе ја преземе министерската функција во локална самоуправа. Златко Перински, актуелниот министер за локална самоупрва ќе биде разрешен и ќе ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување каде на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој пак се очекува да биде избран од Собранието за нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати (Вреди).

Цветан Трипуновски, ќе биде разрешен од функцијата министер земјоделство, шумарство и водостопанство, а на негово место ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ).

Фатмир Лимани, треба да биде разрешен од министерската позиција во социјална политика, демографија и млади, а таа позиција да ја преземе Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ).

Зоран Љутков, ќе биде разрешен од министерската позиција во култура и туризам, а на негово место е предложен Седат Сулејмани (Вреди).

На местото на Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ).

На седницата се очекува преседателот на Владата, Мицкоски да ја образложи смената на министрите.

Согласно Деловникот за работа на Собранието, по предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес, кој трае најмногу два дена. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјасни по предлогот во траење од 15 минути. Новите министри се бираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.