Денеска почнува судењето за Стојанче Јовановски, чија сопруга со малата ќерка скокна од балкон во Тафталиџе

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почнува судењето за Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана Јовановска која на 2 март се самоуби заедно со нејзината 6-годишна ќерка.

Тој е обвинет за три кривични дела – телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45, односно телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1, како и кривично дело наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, тепал, понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година.

„На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и почнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството“, наведува Обвинителството.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски познат во јавноста по судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов.