Денеска официјално ќе биде отворена скијачката сезона во Ски-центарот „Попова Шапка“

Министерствата за животна средина и просторно планирање и за економија, во соработка со „Елем Турс“, денеска ќе го спроведат настанот „Шарска белина – шарска убавина“  –  отворање на Скијачката сезона во Ски- центарот „Попова Шапка“, на паркингот над хотел Славија на Попова Шапка.

Како што е најавено, обраќања ќе имаат министрите за животна средина и просторно планирање и за економија, Насер Нуредини и Крешник Бектеши и директорите на „Елем Турс“ и на Националниот парк „Шар Планина“, Адем Авзиу и Ибрахим Дехари.

Со настанот ќе се означи почетокот на скијачката сезона во новиот НП „Шар Планина“ и по тој повод ќе биде промовиран Планот за управување со националниот парк, што е во финална фаза на изработка и за кој што допрва ќе следуваат консултации со јавноста, како и оставарувањата и плановите за развој на инфраструктурата во овој туристички центар.

Среда и четврток се бесплатни денови за скијање и користење на ски-лифтовите и жичниците во Ски-центарот, кој ќе работи од 9:00 до 15:30.

На денот на отворањето, во функција ќе бидат ставени и шестоседата жичница, Ски-лифтот „Ајдучка рамнина 1“ – ГЕ, Ски-лифтот „Бабин Извор“ – Аеродром, Ски-лифтот „Поток 1“ – Тететкс, Ски-лифтот „Поток 2“ – Тететкс, Двоседа жичница „Св. Илија“ и Двоседа жичница „Син врв“ – Церипашина.

Во текот на сезоната ќе биде ставен во функција и ски-лифтот „Ајдучка рамнина 2“ – ГЕ.

Првпат оваа година, ски-сезоната се отвора откако Шар Планина е прогласена за Национален Парк.

Менаџерскиот тим предводен од управителот на „ЕЛЕМ ТУРС“, Адем Авзиу изминатиов период интензивно работеа на модернизација на Ски-центарот „Попова Шапка“ и првпат после 30 години се преземаат активности за подобрување на условите и можностите во ски-центарот.

Во изминативе седум месеци се работеше на бројни активности врзани за средување на скијачката инфраструктура и маркирање на ски-патеките. Се инвестираше во нова ски-патека долга два километра, на која е инсталирано дополнително осветлување и на која може да има и ноќно скијање. Исто така, Ски-центарот првпат оваа година доби јавни тоалети, вкупно пет, а за оваа ски-сезона се инвестираше и во два модерни мини-бар ресторани (бачила) лоцирани во близина на ски-патеките каде што скијачите ќе можат да се освежат и одморат.

Првпат во историјата на Попова Шапка ќе се гради најголемиот снежен парк во регионот, место за љубителите на адреналинските спортови.

Претстојната сезона е решено прашањето за паркиранг за посетителите на Ски-центарот „Попова Шапка”. Покрај големиот паркинг, спроти полициска станица (P1) оваа сезона се пуштени во целосна употреба и два нови постоечки паркинзи (P2 и P3). Паркингот P2 е лоциран под х. Славија, a Паркингот P3 се наоѓа спроти х. Скардус. Истите се обележани со соодветна сигнализација и континуирано се одржуваат од службите на Ски-центарот.

Со користење на овие паркинг места се добиват дополнителни 250 до 300 паркинг места, што овозможува да се спречи создавањето на сообраќајниот хаос кој го има сособено за време на зимската сезона. Исто така, се планира во време на викендите кога посетеноста е најголема, а возилата се паркираат и по неколку колометри подалеку, да биде воведен бесплатен автобус за превоз на посетителите до скијачките терени.

Преземени се сите мерки за безбедно скијање со обезбедување на ски-патеките, но и со почитување на здравствените протоколи. За првпат оваа сезона во функција е Info&SOS бесплатен телефонски број, на кој посетителите, во секое време можат да добијат сервисни информации или да побараат помош доколку се најдат во неволја. Во целиот Ски-центар, на соодветни места поставени се информации за Правилата и забраните за скијање и однесување на ски-патеките заради безбедност на самите скијачи. Билетарите, вкупно пет, се видно обележани и се поставени на соодветно место со цел да се избегнат големите гужви што беа честа глетка изминатите скијачки сезони. Исто така, заштитени и обележани се местата за најмалите санкачи во Ски-центарот.

Одговорните во Ски-центарот и менаџерскиот тим се во секојдневна координација, со цел доследно почитување и спроведување на утврдениот и усвоен План на активности во Ски-центарот за зимска сезона 2021/2022.

Во настојувањето Попова Шапка да го поврати сјајот и значајот кој го имаше порано активно е вклучена и Владата. Посветената реализација на плановите поврзани за инфраструктурата и подобрување на услугите за посетителите наиде на огромна поддршка од министерот за економија Кресник Бектеши и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

На располагање на посетителите во Ски-центарот, покрај бројните сместувачки капацитети, се и хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“ со кои стопанисува „ЕЛЕМ ТУРС“ и кои нудат бројни пакети за сместување и користење на ски-билети, школата за млади скијачи, наем на опрема и слично, како и попусти за повеќедневен аранжман во хотелите.