
За денеска, на 6-ти јануари, од 12 часот, пред Музејот на Град Скопје, од здружението „Бадникови поворки“ упатија покана за заедничка прослава на Бадник.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, од 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај: Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026.
Не е потребно претходно пријавување.