Денеска мастерклас со унгарскиот режисер Бела Тар на 20. Синедејс

Еден од највлијателните и најреволуционерни европски режисери – Бела Тар денеска, во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе одржи мастерклас во рамки на програмата на 20. јубилејно издание на Синедејс.

Како што наведуваат организаторите, унгарскиот режисер Бела Тар нашироко се смета за визионер. Неговиот стил еволуираше со текот на годините, од раните филмови како Family Nest (1979) и The Outsider (1981) до неговите проекти Satantango (1994), Werckmeister Harmonies (2000), постепено оддалечувајќи се од она што тој го нарече „социјално кино“ до поновите, длабоко атмосферски филмови како The Turin horse (2011).

Тар инспирира и влијае на повеќе современи режисери. Мартин Скорсезе за него вели „Бела Тар е еден од најголемите авантуристи меѓу филмските уметници“.

Гас Ван Сант го смета за „еден од малкуте автентични филмски визонери“, а Џим Џармуш „филмовите на Тар потсетуваат на убавиот и чуден потенцијал на наративниот филм“.

Нашиот познат филмски критичар Влатко Галевски за Бела Тар вели дека е меѓу највлијателните режисери изминативе 30 години.

-Бела Тар е антимистик. Некој што својот филмски опус го разбира како борба против правењето филмови/лаги. Кај Тар, филмот станува живо битие, заеднички емпатичен договор помеѓу режисерот и гледачот, чин на доверба. Неговата методологија подразбира флуидност во филмската нарација, поинаков монтажен процес во филмското раскажување, протест против традиционалното филмско изразување, поинаков простор и поинакво филмско време. Бела Тар создаде сопствен филмски јазик додавајќи ја алегоричната слика на своето опкружување. Кинестетскиот јазик на Тар е најдобро изразен преку тежината на времето, товар присутен во голем број од неговите филмски сцени. Бела Тар го револуционизира современото кино, вели Галевски.

Мастеркласот на Бела Тар е закажан во 15 часот, во кино Фросина МКЦ. Претходно, со почеток во 12 часот, ќе се одржи специјална проекција на филмот „Werckmeister harmonies“, кој е темата на мастеркласот.

Бројот на присутни е ограничен. Задолжително е претходно пријавување на office@cinedays.com.mk со ваше име, презиме и mail адреса.