Денеска ќе се знае новата цена на парното

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денес на прес-конференција ќе ја објави цената на парното. Од РКЕ информираат дека се очекува претходно да се одржи седницата на која ќе се донесе одлуката.

Регулаторната комисија за енергетика потврди дека голем број компании бараат зголемување на цените до 50 проценти, додека некои, како ЕСМ Производство и ЕСМ Енергетика, поднеле барања за намалување на цените.

-Клучно е да се напомене дека просечната цена на гасот е значајно пониска оваа година во споредба со претходната, но од друга страна, субвенции од оваа грејна сезона нема да има. Анализите се во тек. Се очекува одржување на главната седница денеска, каде одлуката ќе се донесе. Инаку, над 90 отсто скопјани добиваат парно од државната ЕСМ која обединува три фирми-ќерки со снабдување, производство и дистрибуција, а тука се и топланата „Скопје Север“ и Енергетика, истакнуваат од РКЕ.

Грејната сезона почнува на 15 октомври и трае до 15 април. На системот за парно греење во Скопје се приклучени 63 000 домаќинства. Од нив, 58 000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1 900 се на железарското парно, а 400 домаќинства се на Топлификација Север.