Денеска изменет сообраќаен режим во центарот на Скопје

Министерството за внатрешни работи информира дека денеска поради официјална посета на делегација на Српската православна црква, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, при што за сообраќај ќе бидат затворени бул. „Партизански одреди” од крстосница со ул. „Аминта Трети” до крстосница со бул. „ВМРО” и ул. „Св.Климент Охридски” од крстосница со бул. „Илинден” до крстосница со ул. „Димитрие Чуповски” во Скопје.

СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Во посета на Македонската Православна Црква (МПЦ) – Охридска Архиепископија денеска и утре ќе престојува делегација на Српската Православна Црква (СПЦ), предводена од неговата светост, српскиот Патријарх г. г. Порфириј. Утре, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, неговата светост српскиот патријарх г. г. Порфириј и неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат Божествена литургија.