Денеска изменет сообраќаен режим во центарот на Скопје, ќе се снимаат кадри за филмот на Манчевски

Времен режим на сообраќајот ќе биде воведен денеска, 31 јули, кај Градска болница поради снимање на филмот „Збогум Копакабано“ на режисерот Милчо Манчевски.

„За потребите на снимањето на филмот „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, во продукција на „Банана филм“ и во соработка со МВР и ЈП Улици и патишта, известуваме за времен режим на сообраќајот на булевар 11 Октомври во Скопје, поточно од раскрсницата кај Црвен Крст до раскрсницата кај Градска болница“, велат од ПР тимот.

Времениот режим е предвиден за денеска, во периодот од 20:00 до 04:00 часот ноќта. 

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.