Петтиот Скопски цветен фестивал кој е под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП “Паркови и зеленило” ќе се одржи денеска и утре во Градскиот парк во Скопје на почетокот на вториот дел, под мотото “Во боите на виножитото”.

Фестивалот ќе започне денеска со цветно дефиле од фонтаната Лотосов цвет во 11 часот и во него ќе учествуваат деца од предучилишните установи и основните училишта, облечени во боите на виножитото, кои ќе се движат низ 5 различни патеки во паркот, а дефилето ќе го пратат повеќе од 200 велосипедисти.

По свеченото отворање следуваат настапи на повеќе музички и драмски изведувачи, а посетителите ќе имаат можност да учествуваат и во целодневни активности кои ги нуди програмата: да проследат шоу со магионичари, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси.

Целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, уредувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина.

Оваа година на манифестацијата ќе се претстават повеќе од 37 изложувачи – цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од област на екологија

Манифестацијата ќе биде отворена до 18 часот во недела 13 мај.