Денеска ѝ е роденден на кралицата Елизабета Втора: Полни 95 години, но нема да слави

На денешен ден во 1926 година родена е британската принцеза Елизабета Александра Мери, од 1952 година Елизабета Втора, кралица на Велика Британија.

Кралицата Елизабета Втора, која е монарх кој најдолго останал на британскиот трон, денеска полни 95 години. 

Сепак, кралското семејство оваа година нема да приредува прослави, поради тоа што роденденот се случува на средина на периодот кога кралицата е во жалост поради смртта на нејзиниот сопруг, принцот Филип, кој почина пред помалку од две недели. Поради тоа нема да има никакви јавни настани во нејзина чест. 

Тоа значи дека нема да го има традиционалното пукање, бидејќи палатата е во жалост. 

Кралицата е на тронот веќе 69 години, а со принцот Филип беа во брак вкупно 73 години. 

Елизабета Александра Мери е внука на кралот Џорџ Петти и кралицата Викторија. Нејзиниот татко е помлад брат на поранешниот крал Едвард Седми, кој од тронот се откажа за да се ожени со американката Волис Симпсон. Така, таткото на Елизабета, Алберт, кој по крунисувањето го зема името Џорџ Шести, го презема престолот, по што таа станува прва наследничка на тронот. 

Наследник на кралицата Елизабета е нејзиниот син принцот Чарлс, потоа неговите деца и внуци, според линијата на наследство на тронот, во која по Чарлс доаѓа Вилијам, па принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луи, потоа принцот Хари, неговиот син Арчи и бебето кое го очекуваат наскоро со Меган Маркл.