Денеска е спомен на Светите маченици Давид и Константин: Кнезови посветени на христијанството

Светите маченици Давид и Константин
Христијански кнезови од Аргвент. Беа осудени на смрт за Христа во Имеретија од калифот Емил-ел-Муменим и потопени во река во 730 година. Пред смртта Му се молеа на Бога да им ги прости гревовите на сите коишто ќе го призиваат нивното име во молитва на помош.

Откако ја завршија својата молитва пукна гром и се чу глас од небото дека молитвата им е услишена. Моштите им почиваат во Грузија, во манастирот Моцамети.

Свети Андреј Јуродив

По потекло Словен. Како роб го купи некој богаташ Теогност во Цариград, во времето на царот Лав Мудриот, син на царот Василиј Македонец. Андреј беше прекрасно момче, телесно и душевно. Теогност го засака и го даде да се описмени. Андреј усрдно Го молеше Бога и со љубов ги посетуваше црковните богослужби.

Послушен на едно небесно видение, тој се посвети на подвиг на јуродство заради Христа. И еднаш, кога отиде на бунарот по вода, ја искина облеката на себе, ја исече со нож и се направи луд. Нажален од ова, господарот Теогност го врза во синџири и го одведе во црквата на Св. Анастасија Одврзителка, за да му се прочитаат молитви. Но бидејќи Андреј не се поправи во очите на својот господар, овој го пушти да живее слободно како умоболен. Свети Андреј дење се правеше луд, а ноќе Му се молеше на Бога. Живееше без покрив и засолниште. Ноќеваше во полето, одеше полугол, во една парталава наметка, јадеше малку леб, кога ќе му дадеа добрите луѓе. Од она што го примаше им делелше на просјаците, и тоа кога ќе им дадеше ќе ги изнавредеше за да не му благодарат. Бидејќи целата награда Свети Андреј ја очекуваше единствено од Бога.

Затоа во него и се всели голема Божја благодат, па можеше да проѕира во човечките тајни, ги гледаше ангелите и демоните, ги изгонуваше демоните од луѓето, ги исправаше луѓето од гревот.

Имаше прекрасни виденија на Рајот и највисоките небесни Сили; Го виде Господ Христос на престолот на славата; со својкот ученик Епифаниј Ја виде Пресвета Богородица во Влахернската црква како го покрива христијанскиот род со Својата одежда; слушна неискажливи зборови на небото, коишто не смееше на луѓето да им ги повтори. После нечуено тешките подвизи се упокои во 911 година и се пресели во вечната слава на својот Господ.

Светиот свештеномаченик Кипријан и девицата Јустина
Кипријан се досели од Картагена во Антиохија, каде што живееше и Јустина со родителите Едесиј и Клеодонија. Едесиј беше идолски жрец и целиот дом им беше незнабожечки. Но кога Јустина одејќи по христијанските цркви ја спозна вистинската вера, ги обрати и своите родители кон Господа Христа.

И сите тројца примија Крштение од епископот Оптат. Кипријан пак, беше волх, имаше врски со нечистите духови и гаташе. Некој развратен млад човек Аглаид, незнабожец, сакаше по секоја цена да ја заведе Света Јустина, бидејќи се занесе од нејзината убавина, па кога девицата одлучно го одби, тој побара помош кај Кипријан. Кипријан ги наведуваше злите духови еден по друг на Јустина за да ѝ распалат страст по нечистиот Аглаид, но никако не успеа во тоа, бидејќи Света Јустина со знакот на крстот и со молитвата кон Бога ги одгонуваше од себе духовите на злобата.

Тогаш Кипријан ја позна силата на крстот, па и самиот се крсти и со време стана презвитер и епископ. Озлобени незнабожците ги обвинија него и Јустина и обајцата ги предадоа на судот во Дамаск, по што беа мачени и убиени со меч во Никомидија, на крајот од 3 век.