Православните верници денеска го одбележуваат празникот Балаклија, познат и како Источен петок, кој се празнува првиот петок по Велигден и е посветен на Пресвета Богородица.

Празникот е познат и како „Живоносен источник“ или „Извор на лекувањето“, бидејќи според традицијата, верниците на овој ден посетуваат извори и се мијат со вода, верувајќи дека таа има лековити својства. Овој обичај е длабоко вкоренет во народната традиција и се практикува со надеж за здравје и благосостојба.
Според преданието, празникот потекнува од настан поврзан со византискиот цар Лав Велики во 5 век. Додека сè уште не бил цар, тој во близина на Цариград пронашол слеп човек и го одвел до извор, каде што го напоил со вода, по што човекот прогледал. Подоцна, кога станал цар, на тоа место изградил храм посветен на Пресвета Богородица, познат како „Живоносен источник“, кој станал место каде што верниците барале исцеление.
Во народната традиција, на овој ден се оди рано наутро до најблискиот извор или поток, каде што верниците се мијат и пијат вода, а потоа се враќаат дома носејќи цвеќе, прославувајќи го празникот во радост и вера.