Денеска е последниот ден за приговори од државната матура, а ДИЦ ќе ги обработи до 16 јули

Во 14 часот денеска истекува рокот за приговори од матурантите кои се незадоволни од резултатите од државната матура во јунската испитна сесија. Рокот за приговори почна во петокот (5 јули), кога Државниот испитен центар (ДИЦ) ги објави прелиминарните резултати од двата екстерни испита кои беа организирани на 1 и на 8 јуни 2024.

Учениците ги поднесуваат приговорите до училишните матурски комисии кои податоците ги внесуваат во Апликацијата за приговори, согласно упатствата дадени од ДИЦ.

По истекот на рокот, комисиите на ДИЦ ќе ги разгледуваат приговорите од матурантите и до 16 јули ќе ги пратат решенијата односно ќе одлучат дали приговорите се усвојуваат или не.

Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ, за МИА изјави дека се пристигнати приговори од ученици, но точниот број ќе се знае по истекот на рокот денеска и откако училиштата ќе ги внесат во апликацијата и ДИЦ ќе ги добие електронски. 

-На 16-ти планираме да пратиме конечни резултати во училиштата. Матурантите што поднеле приговор имаат право на увид на 18 јули. На 17-ти може да се јават на телефонските броеви што им ги оставаме за да си закажат термин и на 18-ти може да дојдат во ДИЦ за да поразговараат и да им објасни комисијата каде бил проблемот, рече Михајловска.

Како и во минатите години, цената за приговор е 2.500 денари. 

За кандидатите кои не приговарале, прелиминарните резултати на ДИЦ за државната матура во јуни се конечни резултати.

Од утре (10 јули) до 18 јули е рокот за пријавување за августовскиот рок за полагање на државната матура за оние матуранти кои од оправдани причини не биле тестирани во јуни или не положиле еден или двата екстерни испита. Испитите ќе се полагаат на 12 август (задолжителниот предмет – мајчин јазик и литература) и 14 август (изборниот предмет).

Државниот испитен центар во петокот ги соопшти прелиминарните резултати од двата екстерни испита во јунската сесија, според кои годинава средната оценка на матурата е 3,25. 

Речиси 15 илјади матуранти беа пријавени за државната матура во јуни која првпат оваа учебна година беше организирана во холовите и спортските сали на училиштата за да се обезбеди поголема контрола во тестирањето на учениците.