Денеска е Павловден – празник поврзан со многу обичаи

Денеска е Павловден, со кој се поврзани многу обичаи.

Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи денешниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и денешниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што се празнува споменот на двајцата апостоли.

Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.

Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат китки кои се направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.

Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијанитем врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.

На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.

На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните.

Обичај е да се меси колач со јаболки.