Денеска е Меѓународен ден на наставниците

По повод 5-ти Октомври, Меѓународниот ден на наставниците, Министерството за образование и наука упати честитка до сите кои се занимаваат со оваа дејност.

„Денес се одбележува Денот на наставниците. Празник на оние кои одлучиле да се занимаваат со најблагородната професија – да ги едуцираат и воспитуваат најмладите. Да создаваат индивидуи кои ќе бидат подготвени за справување со секојдневните животни и професионални предизвици и за поставување и остварување на цели и успеси. Да создаваат генерации кои ќе бидат идните носители на општествените текови и двигатели на севкупниот државен просперитет. Затоа, улогата на просветните работници има посебно знаење и место во секое општество. И  мора да го добијат вниманието, кое впрочем и го заслужуваат. Дигнитетот на професија за која се одлучиле и почитта кон нив како индивидуи треба постојано да растат“, се вели во честитката.

Министерството понатаму додава дека како надлежна институција прават напори за подобрување на статусот на наставниците, преку континуирано подобрување на условите за работа, како од инфраструктурен аспект за опременост на училниците и обезбедување на соодветни нагледни средства и помагала за олеснување на наставата, така и од аспект на унапредување на личната благосостојба преку зголемување на приходите. Од Министерството велат дека наставниците се најважната алка во воспитно образовниот процес.