Денеска е Голема Богородица – заштитничка на бремените жени, децата и семејството

Православните христијани денес го слават празникот Успение на Пресвета Богородица,  во народот познат и како Голема Богодорица.

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица. Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави денес.

Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата. Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.

Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август според стариот календар, односно на 28-иот според новиот календар.  Нему му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост.

Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење. Именден на тој ден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…

Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото.Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка.