Денеска е голем празник: Отсекување на главата на Св. Јован Крстител

Отсекување на главата на Св. Јован Крстител — еден од големите 15 христијански празници од есенскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 29 август, односно на 11 септември по стариот календар. 

Kултот кон св. Јован отсекогаш бил еден од најраширените во православната Црква. Тоа го сведочат и многуте храмови посветени на него, како и многуте реликвијари што ги содржат неговите чесни мошти, распространети ширум светот. Најпосетувани места се оние каде св. Претеча е роден, местото каде што тој ја извршувал својата служба и местото каде што била отсечена неговата света глава.

Споменот за св. Јован Крстител интензивно се празнувал уште од почетокот на IV век. Така, празникот Отсекување на неговата глава (29 август /11 септември) започнал да се слави многу рано, а сведоштво за тоа наоѓаме во двете беседи на празникот напишани од Бл. Августин. Нешто подоцна, во V век, беседи на овој празник напишале и Петар Хризолог, Хрисип презвитер Ерусалимски, Василиј Селевкиски, а потоа и св. Андреј Критски и св. Теодор Студит. Во црковните песни и стихири кои ги напишале св. Андреј Критски, св. Јован Дамаскин, како и св. Герман Патријарх Цариградски, Црквата го прославува св. Јован како проповедник на покајанието и Царството Божјо, како најславен пророк меѓу сите пророци, зашто се удостоил да Го крсти Проповеданиот Спасител, но и како, ангел, апостол и маченик.

Историските податоци ни зборуваат за тоа дека св. Јован Крстител особено многу се почитувал во Византиската империја. Постоела традиција секој 29 август/ 11 септември царскиот двор да оди во Студитскиот манастир посветен на св. Јован Претеча, за да ја целива неговата глава која се чувала тука. Така знаеме дека во X и XI век, оваа драгоцена реликвија, која била една од најславните реликвии во Цариград, се наоѓала во црквата на овој манастир. Во писмото што Алексиј Комнен му го испратил на Роберт Фландриски, таа е спомната веднаш после реликвиите Христови.

На празникот Отсекување на главата на св. Јован Крстител Црквата пропишува строг пост, односно воздржување од месо, млечни производи и риба, за, според зборовите на Типикот, „да не бидеме и ние соучесници во Иродовото чревоугодие“. Уставот ни кажува дека постот на овој празник е востановен веројатно истовремено со празникот, и дека тој е „завештание од древните свети отци“.