Денес Струмица со големо дружење и многу насмевки ќе се одбележи Светскиот ден на лица со Даунов синдром

Разбирање наместо предрасуди, прифаќање наместо сожалување и создавање на заедничко општество, градење на заедничка иднина! Лицата со Даунов синдром, подеднакво како и сите други луѓе, треба да имаат можност во целост и со иста мера да ги остваруваат своите права.

Ова ја опфаќа и можноста во целост да учествуваат во својата заедница. Денес, 21-ви март, се одбележува Светскиот ден на лица со Даунов синдром. По тој повод на градскиот плоштад во Струмица во 12 часот, ‘’Мрдни со Прст’’ заедно со Здружението „Вера“ од Струмица и кампањата ‘’Будење’’ ќе го одбележат Светскиот ден на лица со Даунов синдром со заедничко дружење, дневна забава со Тони Зен, штулар, пантомимичар и стотици насмеани лица.

„21- ви март е ден кој нè потсетува дека околку нас има лица кои не смееме да ги заборавиме и запоставуваме од општествените процеси, од времето и просторот кои им се потребни, интеграцијата и инклузијата. Време е да се разбудиме, да ги размрдаме прстите, но и да го разбудиме и размрдаме ова заспано општество и на нашите другари и другарки со Даунов синдром и ретки состојби да им дадеме доволно простор за да се изразат, да ги поддржиме во нивните мали подвизи и да им покажеме дека не постојат граници, дека можат да бидат сѐ што ќе посакаат! “, изјави Ирена Мила од ‘’Будење’’.

Кампањата „Мрдни со прст“ има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

Кампањата „Мрдни со прст“ продолжува и понатаму, а секој кој сака да се пријави за следните акции или да пријави проблем може тоа да го направи преку веб страната www.mrdnisoprst.mk или Facebook страната www.facebook.com/MrdniSoPrst.