Денес речиси и да не размислуваме за банкоматите како дел од нашето секојдневие.

Photo by Eduardo Soares on Unsplash
Кога ни треба готовина, едноставно застануваме пред банкомат, ја внесуваме картичката, го внесуваме ПИН-кодот и за неколку секунди ги добиваме парите. Но, до средината на шеесеттите години тоа било невозможно. Ако банката била затворена, требало да чекате до следниот работен ден.
Токму затоа, на 27 јуни 1967 година, во населбата Енфилд во северен Лондон бил поставен првиот банкомат во светот, пред филијала на банката Barclays. Британскиот инженер Џон Шепард-Барон го создал со едноставна, но револуционерна замисла – парите да им бидат достапни на луѓето во секој момент, без да зависат од работното време на банките.
Интересно е што првиот банкомат не функционирал како денешните. Наместо пластична картичка, корисниците користеле специјални хартиени ваучери издадени од банката, а машината исплаќала фиксна сума од 10 британски фунти. Неколку години подоцна се појавиле картичките и четирицифрениот ПИН-код, кој и денес е дел од секојдневното банкарство. Според една позната приказна, Шепард-Барон првично планирал ПИН-от да има шест цифри, но се одлучил за четири бидејќи неговата сопруга рекла дека толку полесно се памети.

Во тоа време многумина не верувале дека луѓето ќе дозволат да и доверат пари на една машина. Но, денес низ светот има милиони банкомати, а тие не служат само за подигнување готовина. Преку нив можат да се плаќаат сметки, да се проверува состојбата на сметката, да се уплаќаат средства и да се извршуваат бројни други банкарски услуги.