Денес се навршуваат шест години од заминувањето на актерката и поранешна градоначалничка Билјана Беличанец-Алексиќ

​Денес се навршуваат шест години од смртта на истакнатата македонска театарска, телевизиска и филмска актерка, како и поранешна градоначалничка на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.​

Билјана Беличанец-Алексиќ е родена на 25 јули 1973 година во Скопје. Ќерка е на познатиот водител на манифестации, Симон Беличанец. Во 1994 година дипломирала на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како најмлад дипломиран глумец. Истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија.​

Во 1997 година се вработила во Драмски театар – Скопје, каде што реализира бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти. Покрај театарот, таа имаше значајни улоги и во телевизиски и филмски проекти, како што се:​

  • „Сенки“ (2007) – ТВ-филм

  • „Мајки“ (2010) – ТВ-филм

  • „Од денес за утре“ (2010-2011) – ТВ-серија

Во 2012 година го добила признанието „Мајка Тереза“.​

Покрај нејзината актерска кариера, Беличанец-Алексиќ беше активна и во политиката. Во периодот од 2013 до 2017 година ја извршуваше функцијата градоначалник на општина Кисела Вода како кандидат на партијата ВМРО-ДПМНЕ. 

Билјана Беличанец-Алексиќ почина на 6 април 2019 година во својот дом во Скопје.