Денеска во 10 часот е закажана седница за избор на претседател на Уставниот суд. Според член 7 од Деловникот, со тајно гласање и со двотретинско мнозинство се избира претседателот од редот на судиите.
Секој судија може да предложи кандидат, а предлогот го утврдува комисија составена од тројца судии. Ако кандидатот не добие доволно гласови, постапката се повторува.
Досега претседател беше Добрила Кацарска, која вчера даде отчет за тоа што го сработила. Таа истакна дека Уставниот суд посветено работел и успеал да функционира 17 месеци со само пет судии.
Кацарска порача до идниот претседател и граѓаните дека нема заостанати предмети и очекува судот и натаму да биде ажурен, да се постапува по сите предмети, и да продолжи таму каде што застанала таа.