„Денес ја имав една од најемотивните посети досега“ - Ѓорѓиевски по повод Меѓународниот ден на семејството во посета на СОС Детско село

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи сподели дека денес ја имал една од најемотивните посети досега, каде Денот на семејството го поминал со хероите на кои најмногу им треба љубов, грижа и поддршка.

„По повод Меѓународниот ден на семејството, го посетив СОС Детско село, место каде што домот е топлина, внимание, грижа и љубов за дечиња кои животот прерано ги научил да бидат силни. Се дружевме, разговаравме, однесовме подароци, но најважно од сè, слушнавме приказни. Приказни кои допираат длабоко, но и приказни кои инспирираат. Запознав млади луѓе со огромен талент, со големи соништа и со неверојатна волја“, сподели Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека меѓу нив имало добитници на стипендии за американски колеџ, прваци на генерации и деца кои секој ден докажуваат дека, кога има поддршка, нема невозможни патишта.

„Овие дечиња за мене се вистински херои. Токму затоа, нашата поддршка нема да остане само на зборови. Ќе биде конкретна, видлива и со дела. Веќе со следниот ребаланс на буџетот, Град Скопје ќе обезбеди средства за субвенции за секое згрижувачко семејство, со цел директно да им помогнеме на овие дечиња полесно да го изодат патот кон стабилен, самостоен и достоинствен живот. Оваа иницијатива ќе ја покренам и преку ЗЕЛС, до сите општини во Македонија, затоа што секое дете заслужува еднаква шанса, без разлика каде живее“, истакна Ѓорѓиевски.

Дополнително, вели тој, Град Скопје ќе застане како гарант за трајно решавање на нивниот статус, преку облигационен меморандум со бизнис-заедницата, со цел да се обезбедат загарантирани работни места за овие млади луѓе. Нагласи дека со тоа се обезбедува иднина.

„Им даваме шанса да останат тука, да создаваат тука, во своето Скопје и во својата Македонија“, додава градоначалникот.

Порача дека СОС Детско село во него има искрен партнер и пријател, а на директорката Јулијана Накова Гапо и на целиот нејзин тим им се заблагодари за љубовта, посветеноста и грижата што секојдневно им ја пружаат на овие деца. Упати благодарност и до сите семејства кои, како што вели, со својата човечност не дозволуваат да им недостига она што е најважно - внимание, топлина и љубов.