Денес изложба „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ во центарот на градот

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) во рамки на Скопското културно лето традиционално ја организира изложбата „Скопски урбани приказни“ со средства обезбедени од Министерството за култура и туризам на РС Македонија. Оваа година изложбата се реализира и со поддршка на ЈУ Универзална сала Скопје, Македонска опера и балет, Музеј на град Скопје, Македонски Телеком, Музеј на македонската борба.

Куратор на изложбата „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ е д-р Ана Франговска на чиј концепт одговорија 15 уметници – универзитетски професори, декан и продекан на факултет, исклучителни сликари, скулптори и графичари од средната и помладата генерација.

Изложбата со современиот концепт овозможува прикажување на уметнички дела во отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката. Движењето низ центарот на Скопје и следење на концептот е овозможено со мапа на која се означени локациите на ликовните дела.

Концептот на мултисензорната изложба „Скопски урбани приказни“ годинава е граден на темата „Скопје: Сензорен град“.

„Во време на дигитална пренаситеност и визуелна доминација, кога градот го согледуваме како податок, слика или дрон снимка – „Скопје: Сензорен град“ ни нуди алтернативна перспектива: градот како живо тело, кое се доживува преку сите сетила. Ова не е само изложба, туку искуство – експериментално-социјален проект што ги следи телото, емоцијата и сензацијата како алатки за критичка перцепција на урбаното. Изложбата ја отвора идејата дека перцепцијата е политичка, дека сетилата можат да станат отпор, дека телото е документ на градот.

Во пет (плус едно) сензорни зони – слух, вид, допир, мирис, движење и имагинација – уметниците создаваат интерактивни, сензуални и поетски простори кои го преиспитуваат начинот на кој го чувствуваме и го паметиме Скопје. Од звучни пејзажи до допирливи скулптури, од мирисни архиви до хибридни видеа, секој дел од оваа поставка е покана за интимна, телесна, а понекогаш и политичка реакција.

Уметниците креираат сензорни простори кои ги активираат: слухот (звучни мапи, аудио архиви); видот (фрагментирани прикази, заборавени визии); допирот (тактички скулптури и материјали); мирисот (архива на лична и урбана меморија); движењето (акции); и имагинацијата како начин за урбан отпор – посочува д-р Ана Франговска, куратор на изложбата.

На изложбата учествуваат Игор Сековски, Борис Шемов, Гордана Вренцоска, Гоце Наневски, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Ана В’чкова, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Тања Ристевска, Борче Богоевски, Марија Сотировска, како и гостите Лучезар Бојаџиев (Бугарија) и Светлана Волиц (Србија).

Соработката на ДЛУМ со врвен куратор, уметници, дизајнер и културни/корпоративни организации покажува сериозен капацитет за организирање на комплексни проекти во иднина, истакнуваат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Изложбата ќе може да се посети на 1 јули (вторник), од 19 до 22 часот, во централното градско јадро во Скопје.