Денес е Задушница – спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите. Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.

Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.

На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.