Ден без автомобили, сите на точак (фото)

Неколку илјади граѓани, велосипедисти, рекреативци и средношколци денеска учествуваа во големото велосипедско дефиле што на градските улици се возеше по повод 22 Септември - Меѓународниот ден без автомобили и последниот ден од Европската недела на мобилност 2016.  Во дефилето учествуваа Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски, министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети и амбасадорот на Европската унија во нашата земја, Самуел Жбогар.

Цела галерија од настанот може да погледнете тука.

Велосипедистите стартуваа кај Порта Македонија, потоа возеа по улицата 11 Октомври, на раскрсницата со булеварот Кочо Рацин завртеа кон улицата Свети Кирил и Методиј, продолжија по булеварот Свети Климент Охридски, булеварот Партизански одреди и улицата Никола Парапунов, за по булеварот Илинден да пристигнат во Градскиот парк, на Школка, каде што се одржа забавен хепенинг со настап на уличните музичари.

На најсреќните учесници во велосипедското дефиле, во наградна игра, им беа доделени вкупно 19 велосипеди, од кои 10 велосипеди со кациги обезбеди Градот Скопје, 5 велосипеди обезбеди Цементарницата „Усје“, а 4 велосипеди МЖСПП.

Градот Скопје и годинава беше дел од големото семејство градови кои ја одбележуваа Европската недела на мобилност 2016 и со низа активности ги одбележа деновите посветени на алтернативната и одржлива мобилност. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје организира низа активности во кои се вклучија голем број граѓани, од најмладите до највозрасните, јавниот и приватниот сектор. И во текот на оваа Европска недела на мобилност Градот Скопје испрати силна порака за користење алтернативни видови превоз за почиста и поздрава животна средина.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2016 во соработка со невладината организација ОРТ, како и со Делегацијата на Европската унија во нашата земја, Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП.