Деловната зграда на ЕВН и ЕЛЕМ нема да има барокна фасада

Деловната зградата во која се сместени ЕВН и ЕЛЕМ во центарот на Скопје нема да има барокна фасада како што беше одлучено во 2013 година.

Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврдија од ЕЛЕМ а од ЕВН велат дека во моментов градежните работи се стопирани и можно е промена на првичниот проект по кој требаше да се реновира во неокласичен стил.

„Фасадата нема да биде во барокен стил како што беше првично предвидено. Ова го одлучивме заедно со ЕВН“, велат од ЕЛЕМ.

„Се разгледуваат можности меѓу кои и промена на неокласичниот изгледот кој беше предвиден со проектот за реконструкција во 2013 година. Решението кое ќе се избере сакаме да биде соодветно за централното градско подрачје. Нема да има никакви дополнителни финансиски импликации бидејќи зградата е во таа фаза кога не е почнато да се гради новата фасада“, велат од ЕВН.

Градежните работи за реконструкција на фасадата се стопирани една година.

Реновирањето на фасадата на зградата на ЕВН и ЕЛЕМ почна летото во 2013 година и според најавите требаше да биде готова до крајот на 2014 година. Тогаш од компаниите рекоа дека фасадата била планирана да се реконструира пред проектот „Скопје 2014“, а за барокно решение се одлучиле за да се вклопи во новиот амбиент на објектите каде е сместена зградата. За реновирањето беше предвидено да се потрошат 4,3 милиони евра.

Зградата на ЕВН и ЕЛЕМ е изградена 1962 година и е еден од најзначајните објекти на модерната. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никулски кон крајот на 70-тите години од минатиот век и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.