Делови од Скопје се разбудија без парно, ќе обезбеди ли владината уредба трајно решение?

Граѓаните на Скопје Север вчера утрината се разбудија со ладни радијатори. Но попладнето добија парно греење, по постигнатиот договор меѓу Владата и снабдувачите со топлинска енергија. Граѓани од неколку делови во Скопје и денес се жалат дека имаат проблем со парното.

Од наредната недела државната ЕСМ ќе го презеде управувувањето со БЕГ и Скопје Север, кое ќе трае до крајот на грајната сезона. Првиот човек на Регулаторна уверува - договорот ќе овозможи стабилно и квалитетно снабдување со парно цела сезона.

Бислимовски открива – решението за одземање на лиценцата за БЕГ било спремно. Сепак, постигнатиот договор ги спасил да не останат без дозвола за работа. Што ќе се случува откако ќе заврши грејната сезона, ќе се знае по завршување на увидот во работењето на компанијата.

Наредните 4 месеци Владата во целост ќе ги покрива трошоците за разликата меѓу пазарната, повисока цена на гасот и онаа, која ја определи Регулаторна. Тоа, според Бислимовски нема да се одрази врз сметките на граѓаните, односно покачување на цената на парното греење до крајот на годината нема да има.