
Уште една жртва „однесе“ експресниот пат Штип - Кочани. Во сообраќајна несреќа што се случила вчера претпладне 33-годишник го изгуби животот.
Од полицијата информираат дека вчера во 09.18 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на експресниот пат Штип - Кочани, во близина на село Горни Полог, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „рено“ во кое се превезувале четири лица и патничко возило „фолксваген поло“ со бугарски национални ознаки, во кое бил само возачот.
Сите пет лица се пренесени во болницата во Кочани, по што Б.Д.(33), Х.М., Д.З. и И.М. се пренесени во Комплексот клиники "Мајка Тереза", а И.М. била пренесена во приватна болница во Скопје. Од здобиените повреди Б.Д. починал, а кај Х.М. се констатирани тешки телесни повреди. Додека, кај останатите се констатирани телесни повреди.
Полицијата извршила увид на местото на несреќата.
Дел од возачите од источниот дел на Македонија, сметаат дека не доволно или воопшто не се почитуваат сообрќаајните правила на експресните патишта.
- Секој втор ден го возам тој експресен пат, ама не е до патот. Камикази самоубијци го возат тој пат, ништо не почитуваат, ни ограничување, ни полна линија, апсолутно ништо не се почитува на тој пат, сообраќајна култура никаква, сведочи еден штипјанец.
- На тоа место многу возила вртат полукружно за да свртат на стариот пат. Треба редовна контрола на тоа место или камера и одземање на возачка на секој кој нема да ги почитува правилата, коментира друг граѓанин.
- Не се почитуваат сообраќајните знаци и се вози безобразно. Значи во Македонија се вози најбезобразно и затоа имаме најмногу жртви во Европа по глава на жители.
- Делница на смртта. Дури 10 проценти од жртвите во сообраќајки во Македонија се на овој пат.