Делегација од збратимениот град Истанбул во работна посета на Град Скопје

Делегација од збратимениот град Истанбул, Турција, која е во дводневна работна посета на Скопје, денеска оствари средба со секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски и претставници од секторите во Градот Скопје.

На средбата се дискутираше за работата на Градот Скопје и на институциите што се во негова надлежност, како и за најактуелните планови и проекти за подобрување на сообраќајните врски, енергетската ефикасност и дигитализацијата на градот. 

На состанокот се разговараше и за можноста за подобрување на соработката меѓу двата градови и нивните институции, преку размена на искуства за подобрување на услугите за граѓаните, можноста за заедничко учество во меѓународни проекти, потребни проекти за подобро извршување на активностите на јавните претпријатија, но и продлабочување на соработката помеѓу градот Истанбул и Градот Скопје.

Во нашиот град два дена ќе престојуваат Мехмет Тунџер и  Јилмаз Демирел, членови на Градското собрание на Истанбул, Али Тој, заменик-директор на Одделот за услуги и поддршка на Град Истанбул, Јасин Џемал Галата и Зафер Сумер од Секторот за надворешни односи на Град Истанбул, Енсар Јаша, Генерален директор на ИЕТТ (Istanbul Electricity, Tramway and Tunnel Management) и ќе посетат повеќе јавни претпријатија и градски институции со цел подобро да се запознаат со нивната работа, активностите, начинот на функционирање и секојдневните предизвици со кои се соочуваат. 

Посетата на делегацијата на Истанбул на Градот Скопје е на иницијатива на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и се реализира во рамките на активностите на Мрежата на градови од Балканот - Б40 (B40 Balkan cities network).