Дел од улиците во Скопје утрово ќе бидат затворени, ЈСП ќе вози по изменети траси

Сојуз на спортови на Скопје, заедно со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, по една година пауза, денес, во 08:00 часот, ќе ја одржат традиционалната трка „Халк Еко Скопје ран 10КМ“. Поради трката во главниот град ќе биде воведен времен сообраќаен режим, а автобусите на јавното сообраќајно претпријатие ќе возат со изменет возен ред. 

Министерството за внатрешни работи информира дека денес во временски период  од 07.00 до 10.00 часот, во организација на Сојуз на спортови на Скопје, ќе се одржи улична трка на 10 км насловена како „Халк Еко Скопје трча 10К 2021“, со траса на движење од бул.„Илинден“ (во двете насоки) од крстосница со ул.„Наум Наумовски Борче“ (Фонтана Градски парк) до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, лево по ул.„Никола Парапунов“ десно по бул.„Партизански oдреди“ до крстосница со ул.„Ангел Динев“ (мост Влајко) полукружно назад по бул.„Партизански oдреди“ (во насока кон Сити мол) до крстосница со ул.„Љубљанска“, полукружно назад по бул.„Партизански oдреди“, десно по ул.„Никола Парапунов“, десно по бул.„Илинден“ до целта (Фонтана Градски парк) во Скопје.

Од тие причини Одделението за безбедност  на патниот сообраќај ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените улици, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. Министерството за внатрешни работи апелира  до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници, се вели во соопштението на полицијата. 

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека денеска во период од 7 до 10 часот, дел од автобуските линии ќе сообраќаат по изменети траси од вообичаените, поради одржување на уличната трка „Халк Еко Скопје трча 10 км”.

Изменет режим на сообраќање ќе имаат линиите 2, 4, 7, 8, 11, 11а, 12, 15, 15А, 19, 21, 22, 22А, 32, 56, 56а, 59 и 60.

Линиите 2, 4, 11, 11а, 12, 21, 22, 22А, 32, 56, 56а и 60 што се движат во правец према Ѓорче Петров, кога ќе пристигнат кај ТЦ „Сити мол“, ќе вртат лево по улица „Московска“, па десно по улица „Војвода Васил Чакаларов“ и од Порта Влае, секоја ќе продолжи да сообраќа по својата вообичаена траса, додека во обратен правец ќе возат по својата вообичаена траса.

Линија 8 од мостот „Гоце Делчев“ по булевар „ВМРО“, ќе продолжи по булевар „Партизански одреди“, ќе сообраќа се до ТЦ „Сити мол“, потоа лево по улица „Московска“, па десно по улица „Војвода Васил Чакаларов“ и кај Порта Влае ќе продолжи кон својата почетна постојка, а во обратен правец, се до Соборен храм ќе сообраќа по булевар „Партизански одреди“, па по булевар „ВМРО“, мост „Гоце Делчев“ и ќе продолжи по својата вообичаена траса.

Линиите 7, 15, 15А, 19 и 59 во правец од Карпош 3 према Центар ќе сообраќаат по улица „Карпошово востание“, улица „Бледски договор“, булевар „Партизански одреди“ од каде секоја ќе продолжи по својата вообичаена траса.

Линијата 15А ќе сообраќа како линија 15, додека линиите 15, 15А и 19 за почетно/крајна постојка во Карпош ќе ја користат почетно/крајната постојка од линиите 7 и 59, соопштија од ЈСП.