Дел од учениците од „Киро Глигоров“ утре ќе следат онлајн настава поради градежни работи

Новата учебна 2026/2027 година започнува утре, 1 септември, за околу 238.000 ученици во основните и средните училишта во земјава. Меѓу нив се и 14.952 првачиња, за кои утрешниот ден ќе биде првото запознавање со училишните клупи.

Во пресрет на почетокот на наставата, дополнителна промена е воведена во скопската Општина Центар. Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец привремено ќе ја следат наставата онлајн.

Од Општина Центар информираат дека причината се градежните активности што ги реализира Министерството за образование и наука во дел од училишниот објект. Работите сè уште не се завршени, поради што за учениците не се создадени услови за веднаш да започнат со физичко присуство.

МОН дало согласност наставата да се одвива од далечина сè до создавањето услови за безбедно враќање на учениците во училишните клупи.

„Најважно е децата да бидат безбедни и наставата да започне без дополнителни одложувања“, соопштија од Општина Центар.

Од Општината велат дека од Министерството побарале информации за точниот рок и динамиката на завршување на градежните работи. Оттаму очекуваат работите да завршат во најкус можен рок, по што учениците од четврто до деветто одделение треба да продолжат со редовна настава во училишниот објект.