
Раководството на Сојуз на синдикати на Македонија на денешната прес-конференција обелодени дека утре во 12 часот ќе започнат со блокадата на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата.
- Втората фаза започнува утре со блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата. Блокадата ќе започне на раскрсницата пред Стопанската комора во 12 часот. Да не се грижат. Повторно, ќе бидеме 21 претставник на синдикатот, онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Работниците нема да дозволиме да им мрзнат на газдите на улица, да им мрзнат на пратениците на улица и да им мрзнат на владата на улица, само за да ги блокираат, како што овие ги блокираат работниците некои 36 години, некои 2 години, некои 1 година, вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
- Пред Стопанската комора ќе блокираме газди кои ги блокираат работниците 36 години, газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат. Ќе блокираме газди кои се исплашија од нападите на владата и на политичките партии, на работниците и на синдикатите. Ќе блокираме газди сè додека не донесат одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за 6000 денари. Ги повикувам работниците кои можат, кои ќе поминуваат да ни се придружат макар и на 5 минути, затоа што другите не бројат и тие мислат дека овие блокади кои се таргетирани и наменски се со по 21 човек на улица, само за да им покажеме дека не ни се потребни оние 12 000 луѓе да ги блокираат кои излегоа на 28 јануари и со нас, но по завршување на блокадите, ќе повикаме на голем работнички протест на кој ќе организираме превоз од сите градови... порача Трендафилов.