Дел од граѓаните не ги добиваат сметките за струја на домашна адреса

По реакциите на граѓаните дека не добиваат редовно сметки за струја, но затоа им се наплаќаат долгови, од ЕВН топката ја префрлаат на Македонски пошти, од каде велат дека со оглед на коронакризата доцнат со одредени пратки.

Сметките за струја веќе извесен период не стигнуваат на домашна адреса. Низа граѓани, жители на Општина Центар кои се јавија во редакцијата на Канал 5 се жалат дека веќе неколку месеци не добиле сметка, но затоа се соочиле да бидат исклучени од струја поради неподмирени долгови.

Канал 5 се обрати во ЕВН. Но, оттаму топката ја префрлаат во Македонска пошта. Велат дека сметките ги доставува пошта, па одговори треба да се бараат таму.

„ЕВН Македонија ги користи услугите на Македонска пошта за достава на фактури за потрошена електрична енергија до корисниците.

ЕВН веќе неколку години по ред промовира многубројни онлајн услуги наменети за корисниците, дел од што е и електронската достава на фактурите. Со овие услуги фактурите ќе ги добиваат навремено и ќе го избегнат моментот на недобивање на истите.“, велат од ЕВН и додаваат дека доколку граѓаните се соочуваат со такви проблеми да се обратат во компанијата.

Од македонски пошти за Канал 5 пак се правдаат дека пратките во неколку реони доцнат поради мерките кои се на сила, а се поврзани со Корона вирусот. Сепак, уверуваат дека доставата ќе биде завршена, и ги повикаа граѓаните да имаат разбирања и трпение.

„Во 4 доставни реони (6,13,30 и 55) постои доцнење при достава на поштенските пратки од причина што пошторазнесувачи кои се ангажирани на доставните реони се опфатени со мерките за Ковид 19 на Владата. Подружницата ГЦПС Скопје 2 надлежна за доставното подрачје на Општина Центар организира достава на наведените реони со пошторазнесувачи од други доставни реони. Искрено се надеваме дека нашите корисници ќе имаат разбирање за доцнењата, а со оглед на постојната состојба поврзана со вирусот Ковид 19.“, се вели во одговорот на Пошти.

Инаку граѓаните од овој месец ќе плаќаат и поскапи сметки за 7,4%. Поскапата цена на електричната енергија ја крена на нозе целата јавност. Жители на повеќе градови револтот го искажаа и на протести, а за в петок се најавени и нови. Сепак според изјавите - енергетските компании очигледно не се откажуваат од поскапувањето, а од Регулаторна тврдат дека новата цена нема да удри врз џебот на граѓаните, а се должи на намалените приходи на компаниите поради Корона кризата.

izvor - Kanal 5