Дел од Бардовци ќе добие фекална канализација

Советниците при Советот на општина Карпош дадоа „зелено светло“  за Одлуката со која се прифаќа донацијата од Здравко Василевски во вид на изработка на техничка документација, за поставување на фекална канализација во населбата Бардовци.

Основниот проект за фекална канализација се однесува на дел од Блок 11 и Блок 17 во населбата Бардовци, а техничката документација ќе ја изработи „Прима Инженеринг“ ДОО – Скопје, додека пак ревизијата ќе ја изработи „Алдинг инженеринг“ ДООЕЛ – Скопје.

Вкупната вредност на донацијата ќе изнесува 720.000 денари.

Советниците од Карпош ги поддржаа и Предлог-Програмите за изменување и дополнување на Програмите за активностите на Општина Карпош, во областа на спортот и образованието за 2022 година. Низ аргументирана дебата, советниците се договорија да ја поддржат и Одлуката за утврдување надоместок за градежно земјиште (комуналии), за населените места Бардовци и Злокуќани, поточно за деловите кои се надвор од границите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје.