Екипите на ЕВН Македонија почнаа со приклучување на дистрибутивната мрежа на дел од корисниците во Скопје кои останаа без струја денеска попладне поради испадот на извод од 110-киловолтната трафостаница „Васил Главинов“.

Паралелно се работи на отстранување на дефектот, кој во населбите Бутел, Радишани, Шуто Оризари и Визбегово воедно предизвика прекин во водоснабдувањето затоа што не може да функционира машинскиот дел од пумпените станици.

Од ЕВН Македонија изјавија дека изводот кој бил опожарен зафатил и дел од соседната електроенерегетска опрема. Од безбедносни причини, појаснуваат од ЕВН Македонија, целата трафостаница беше исклучена од напојување со што и корисниците од населбите Топаанско Поле, Бутел, Чаир, Радишани, Васил Главинов – индустриска зона и другите населени места што се напојуваат од таа трафостаница беа без напојување со електрична енергија.

– Откако се изврши комплетен преглед на оштетеноста, откако се виде дека може безбедно да се приклучуваат корисниците дел по дел се приклучуваат на дистрибутивната мрежа, а паралелно ќе се санира и дефектот кој е настанат. Екипите ќе работат цело време се додека корисниците не добијат напојување, изјавија од ЕВН Македонија.

Како што посоочуваат од ЈП „Водовод и канализација“, поради прекинот во снабдувањето со струја не може да функционира машинскиот дел од пумпените станици во тој реон.