Дедомразовци традиционално ќе трчаат во Скопје

В недела, на 23 декември, во Скопје ќе се одржи традиционалната Дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на главниот град.

Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километрa и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб- страницата www.prvdovrv.mk.

Стартот и финишот на трката се на pлоштадот Македонија, а ќе се трча кон Порта Македонија, Паркот на жената борец, „Холидеј ин“, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку преку мостот до целта.

Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес-инструктор и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.Трката ја организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на „Кока-Кола“ и градот Скопје.