Децата со посебни потреби по смртта на родителите да се сместуваат во мали групни домови

Децата со посебни потреби, после смртта на нивните родители треба да се сместуваат во мали групни домови, смета министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

Големите институции како во Демир Капија на пример, не нудат хумани услови и третман, не само на децата, туку и на сите останати лица со попреченост. Конкретно во Штип, се планира отворање на мал групен дом на вториот кат во Центарот за аутизам, пренесува Сител.

-Центарот за аутизам е навистина важен, го финансираме од една страна, а од друга, финансираме здружение на граѓани за да го зголеми квалитетот за функционирање на тој центар за аутизам. На вториот спрат кој моментално не е искористен како капацитет, создаваме заедно со општината мал групен дом и со тоа го зголемуваме квалитетот на услуги кон граѓаните, не го намалуваме, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Со овој став не се согласуваат родителите на децата и сметаат дека не треба да се донесуваат избрзани и не соодветни решенија, односно решавање на една категорија, врз грбот на друга. Затоа тие предлагаат нивните имоти да бидат искористени за мали групни домови.

- Во тој случај државата нема да осети ништо, буџетот нема да трпи, а на тој начин ние ќе се осигураме дека после нашата смрт децата ќе живеат во нашите домови, плус во овие домови ќе бидат сместени нивни другарчиња кои ќе немаат каде да бидат сместени-изјави Зоран Мијалков, родител на дете со аутизам.

Мијалков додава дека некои од децата знаат да бидат агресивни и вработените во Центарот и вака тешко се справуваат со нив, а кога би им се скратил просторот, би било невозможно да се организира нормален престој.