Децата со оштетен слух ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот

На шеснаесетгодишниот Филип, кому пред четири години му се урнаа сите надежи дека ќе може професионално да игра фудбал, бидејќи му е дијагностицирана ретка болест Алпортов синдром, денес во Скопје му се оствари најголемата желба да да се запознае со фудбалската ѕвезда Роналдо.

„Пресреќен е. Филип живее за фудбалот, ама веќе не смее да игра. Му се оствари сонот да го запознае Роналдо и да се фотографира со него“, вели неговата мајка Ана за порталот Сакамдакажам.мк.

Тој заедно со уште 18 деца од училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“, кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, и пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“, денес се сретнаа со фудбалерите од овие два клуба пред нивните тренинзи. Средбата со фудбалските ѕвезди беше изненадување за децата, кои УЕФА фондацијата ги избра да настапат на свеченото отворање.

Алпортовиот синдром е ретка генетска болест, која се добива од раѓање. Засега нема лек за овааа болест, а како резултат на неа со текот на времето се оштетуваат слухот, видот и бубрезите. На овие пациенти подоцна во животот во најголем број случаи им е потребна трансплантација на бубрези. Филип не сака јавно да зборува за својата здравствена состојба, па во негово име зборува неговата мајка Ана.