Децата-ѕвезди од „Дајте музика“ ќе нè претставуваат на Детската Евровизија

Група деца од популарната ТВ серија „Дајте музика“ ќе бидат наши претставници на 19-то издание на Детската Евровизија, кое оваа година ќе се одржи во Париз.

„Драги наши обожаватели, чест нѝ е да ви соопштиме дека оваа година во декември во Париз, ќе ја претставуваме Македонија на Junior Eurovision. Држете нѝ палци“, стои во објавата на Инстаграм профилот на „Дајте музика“.

„Песната со која ќе се претстави нашата земја ќе биде избрана и промовирана во следните неколку месеци. На неа ќе работат композитори кои веќе соработуваат во проектот и добро ги познаваат вокалните и артистичните капацитети на децата од шоуто“, велат од МРТ.

Оваа година 19-то издание на Јуниорскиот Избор за Песна на Евровизија ќе се одржи на 19-ти декември во спектакуларната концертна сала „La Seine Musicale“, во градот на светлината, Париз, по победата која Валентина и ја донесе на Франција.