Деца од градинките ќе творат во чест на ослободувањето на Скопје

Детскиот културен центар „Карпош“ и годинава традиционално ќе ја организира манифестацијата посветена на предучилишните установи, а во чест на градот Скопје, „ГО ГРАДАМ МОЈОТ ГРАД“ – 2018.

Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности, детската креативност, а воедно и поопширно да ги запознае децата со денот 13 Ноември и неговото значење за градот во кој живеат.

Секоја градинка како и секоја година ќе ја претставува екипа од 5 деца, а објектот кој ќе се гради е по нивен избор, како и материјалот што ќе го користат (коцки, цртежи, природни материјали како лисја, дрвца и др).

Манифестацијата „Го градам мојот град“ – 2018 ќе се одржи во просториите на Детскиот културен центар „Карпош“ на 13 ноември (вторник) со почеток од 10.00 до 11.00 часот.

За градинките учесници на оваа манифестација предвидени се симболични подароци во знак на благодарност и соработка.