Дебата: На земјоделството му треба континуитет и стратегија

Македонското земјоделство е непродуктивно и непрофитабилно. Му требаат инвестиции, но од страна на сите чинители: државата, производителите, бизнисот и науката. Мора секој да вложи во својот домен. Мора да се зголемат дијалогот и меѓусебната поддршка и заеднички да се дефинира каде оди секторот, заклучија учесниците на денешната работна средба во Стопанската комора на Македонија.

Бизнисот, како што рече претседателот на Комората, Бранко Азески, им верува само на бројките и низ таа призма ги гледа резултатите, бара владеење на правото и доследност во спроведувањето на регулативите. Земјоделците апелираа дека производството е намалено и дека токму поради тоа цените во одделни гранки како градинарството, се зголемени. Науката, пак, се пожали дека е се помал бројот на студенти и средношколци кои сакаат да учат земјоделство и оти е можно во догледно време земјава да остане без агрономи. Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), Вјекослав Танасковиќ, во оваа прилика укажа дека е можеби добро да се размисли за евентуално субвенционирање на семејствата чии деца се студенти на ФЗНХ, како и на учениците од земјоделските школи. Ги повика и компаниите да ја препознаат нужноста од земјоделскиот кадар.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски апелира на неопходноста од брзо делување зашто земјава, рече, многу скоро може да се соочи со големиот европски пазар. Мора, напомена, максимално да се работи на конкурентноста и да се испорачаат поквалитетни производи. Забележа и дека релевантните страни на состаноците со него, најчесто зборуваат за субвенции, наместо да предлагаат други, долгорочни, конкретни мерки за развој на земјоделството.

-Зголемувањето на субвенциите не е политика на развој. Тоа е одржување, преживување година за година. Само со зголемување на субвенциите не правиме ништо. Од работните групи во кои членуваат претставници на сите чинители, многу малку добиваме предлози што да направиме стратегиски, за две, три, пет години, или во кој правец ќе движиме, потенцира Димковски.

Истакна и дека аграрните политики не смеат да се поврзуваат со ничиј мандат, на ниту една влада, туку треба да имаат континуитет.

-Клучното прашање е дали имаме јасен таргет, тим што тоа ќе го спроведе и средства за таа намена, беше дециден Азески кој оцени и дека македонската економија моментно вергла во место зашто во најголем дел е сведена на лон-производство и има многу малку дејности кои може да донесат додадена вредност.

На тоа министерот соопшти дека од 2017 до 2022 година ќе се реализираат 170 милиони евра во водостопанството, ќе се вложат огромни суми во изградба на откупно-дистрибутивни центри, ќе се работи на агроеколошките мерки за кои, рече, очигледно не сме доволно подготвени, ќе се бара начин за поедноставување на начините за аплицирање за субвенциите за да не се обесхрабруваат земјоделците и максимално да се искористат средствата од државата, но ќе мора да се настојува и администрацијата да биде поажурна.

Според Димковски, ќе се бара и начин, можно е и со законски измени, научните институти повеќе „да се стават во функција“ зашто единствено тие може да придонесат за уште поквалитетно производство. Ќе се води сметка и за примена на најновата технологија, како и за дигитализација на одделни сфери во секторот.

Министерот како посебна мерка го нагласи предфинансирањето за ИПАРД инвестициите, кое е посебно наменето за бизнисмените, а предвидува помош од државата преку заем кој би се враќал на седум до осум години без камата. Услов за предфинансирањето, објасни Димковски, е компанијата да има потпишано договор со Платежната агенција за соодветниот ИПАРД проект.

Во текот на расправата, преработувачите на млеко укажаа дека бројот на фармери значително се намалува и оти количините на суровина полека се исцрпуваат. Од „Суташ“ побараа да се разгледа можноста за евентуално воведување квоти за увоз на млеко од Турција за да може да се извезуваат преработки кои се многу барани на европскиот пазар и посебно во Русија.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, побара одговори од Димковски за постојните капацитети на секундарната иригациска мрежа која, оцени, е во распаѓање, за мерките за африканската свинска чума, како и за правилникот за производи од растително потекло.

Во дискусијата се вклучи и бизнисменот Минчо Јорданов со предлог македонското стопанство да се насочи, пред се, кон развој на преработуваки капацитети и јакнење на политиките за рурален развој. – Интензивно треба да го помогнеме земјоделството, посебно со мерки како вложувањето во системи за наводнување зашто климатските промени се се поевидентни. Земјоделците и комбинатите многу тешко наоѓаат начини и средства да ги прифатат ИПАРД или владините програми. Затоа мора да има посебни, специјални мерки за финансирање на развојот и продуктривноста, нагласи Јорданов.

Во уводниот дел од дебатата беше нагласено дека расположливите потенцијали на македонското земјоделство не се целосно искористени, а повеќе од една третина од земјоделското земјиште не се обработува.