Дебар Маало стана кинески кварт

Дебар Маало станува тесно грло и за движење и за живеење. Ова го тврдат жителите кои секојдневно мака мачат со огромниот број автомобили кои циркулираат тука но и честите изградби и доградби на старите но и нови објекти. Евидентно е дека последниве години оваа позната скопска населба го изгуби својот сјај и шарм што го градеше децении наназад.

- Овде има повеќе автомобили отколку жители а паркинзи нема. Станавме кинески кварт во кој тешко се дише а за нормално живеење и да не зборуваме. Куќите се срушија и се направија згради во кои се доселија илјадници нови жители, но, инфраструктурата остана иста , значи, квалитетот на живеење опадна – вели Коста Р. староседелец  во оваа населба.

Најмногу пречат паркираните автомобили кои и покрај забраните може да се најдат на тротоари, пред самите влезови во домовите на жителите или качени на пешачките острови.

- Ова е секој ден, не е еднаш вака паркиран овој наш сосед. Се паркира пред влез во приватен двор со гаража, можеби е негова но зошто го блокира тротоарот? Секое утро носам дете во градинка, и секое сабајле истата приказна – реагира една мајка која мора да се движи со количката за дете по улица поради несовесниот сосед.

Иако еднонасочниот режим малку ги растерети улиците во оваа населба сепак се чини потребни се додатни мерки за дестимулирање на движење со автомобил тука но и ограничување на додатното градење големи станбени или деловни објекти.