Давкова за случајот со усмртен маж на пешачка патека: Виновни сте и вие кои мудро молчите, ако немате личен бенефит!

Полицијата вчера го уапси 25-годишниот скопјанец Ф.Љ. кој пред три дена на пешачка патека во близина на ул.„Ленинова“ во Скопје, со мотоцикл „кавасаки“ удри во пешакот Ј.Н.(68) од Скопје, по што го напуштил местото на настанот, а од здобиените повреди Ј.Н. почина во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Јавноста во шок со денови од овој инцидент. Велат дека не е безбедно дури на на пешачки патеки и тротоари. 

На својот фејсбук профил се огласи и ќерката на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Марија Давкова. Таа во објава порача дека и граѓаните треба да се „бунтуваат“ против ваквите поведенија на поединци. 

- Сум го пријавувала овој проблем во полиција над сто пати. Сум ширела глас низ народ дека не е нормално во среде Градски парк да јурат мотори, таму каде нашите деца треба безбедно да си играат... Сум била гласноговорник против моторни возила на велосипедски патеки, вклучувајќи ја и патеката на Кејот на Вардар која треба да служи исклучиво за спорт и рекреација... Дури и самостојно сум се конфронтирала со возачите на мотори во зони кои треба да се исклучиво пешачки... А Вие драги сограѓани? - праша таа во својата фесјбук објава. 

- Ајде да се запрашаме кој од нас како граѓанин, и во колку наврати искрено придонел за оваа заедница и се бунтувал со својот стас и глас против поведенијата на поединци кои се штетни за целиот колектив? Зошто според мене, токму ВИЕ кои „мудро“ молчите пред секојдневните неправди и кои реагирате само кога имате некој личен бенефит од дадената реакцијата, сте ВИНОВНИ за сите општествени неправди. Вие и тој скоро досега никогаш употребен ГЛАС во име на ДОБРОТО НА СИТЕ!

п.с. Затоа, „да почнеме да мислиме ПРЕДВРЕМЕНО или барем НАВРЕМЕНО, за да не му ја мислиме ПРЕКУВРЕМЕНО“, наведе Марија Давкова која често е гласна за бројни значајни општествени текови.