Давитков: Во Романија дојдовме да победиме

Македонската кошаркарска репрезентација денеска го игра последниот меч од претквалификациите, гостуваме во Плоешти кај Романија каде ни е доволен и пораз помал од 14 поени разлика за да се пласираме во главните квалификации за ЕП 2021.

Селекторот Јорданчо Давитков вели дека Македонија денеска оди на победа, не размислува дека можеме да одиме понатаму и со пораз.

Јас реков и во Скопје – тука дојдовме за да победиме, не за да го браниме резултатот бидејќи резултат тешко се брани. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да победиме. Доволно добро го знаеме составот на Романија и мислам дека нема многу простор за изненадување. Важно е играчите да се одморени и да бидат сконцентрирани, секој на својата улога вечерва. Тренинзите и тука и во Скопје повеќе беа тактички, а не кондициски. Се надевам дека ќе успееме сите да го надминеме уморот од патувањата и дека ќе успееме да дојдеме до победа. Стајиќ и Магдевски со помошта од Караџовски ќе ја преземат одговорноста на позицијата еден на која долги години беше Костоски. Тој одлучи дека не може повеќе да игра од свои лични причини кои јас ги почитувам бидејќи секогаш одговарал на мојот повик за настап за репрезентација,истакна селекторот Јорданчо Давитков за официјалниот сајт на МКФ.