Давитков останува селектор на кошаркарска федерација

Македонската кошаркарска федерација денеска соопшти дека ја продолжуваат соработката со селекторот Јорданчо Давитков.

– Во консултација со новиот правилник на ФИБА и новонастанатите ситуации со правилото на играчи кои играат во клубови и должноста на клубовите да ги ослободат за репрезентативни обврски 72 часа пред почетокот на септемврискиот прозорец од втората рунда на претквалификациите, раководството на МКФ заедно со актуелниот селектор Јорданчо Давитков дојде до одлука да се продолжи соработката за целиот циклус на подготовки, соопштија денеска од Федерацијата.

Првиот собир на сениорската репрезентација ќе се одржи на 31 август.

Списокот на повикани кошаркари за првиот собир, како и времето и местото на одржување ќе биде дополнително објавен. Од МКФ изразија надеж дека македонските клубови ќе имаат разбирање и порано ќе ги ослободат повиканите репрезентативци од клупските обврски.

Во втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021 „жолто-црвените“ ќе се играат со Косово (13 септември) на гостински терен и со Романија (16 септември) на домашен терен во рамки на првиот претквалификациски прозорец.