Даваат лажни адреси за да не добијат решенија за изолација и самоизолација

Масовните собирања и неносење лична заштита, непочитување на мерките при транспорт, несоработката на пациентите со епидемиолозите и давањето лажни податоци во анкетите се причина за зголемениот број новозаразени со коронавирус во изминатите денови.

„Лицата што се во изолација и самоизолација не ги почитуваат овие мерки и излегуваат и контактираат со други лица. Исто така, пациентите не соработуваат со епидемиолозите, односно тие во епидемиолошките анкети даваат погрешни податоци за адреси за да не им бидат доставени решенијата за изолација и самоизолација“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Како посебни општини каде што не се почитуваат мерките ги издвои Тетово, Штип, и во Скопје – Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром, за кои како крајно решение се можни карантински мерки по примерот на Дебар, додека повторното воведување полициски час не е опција.

„Мора да го вратиме нормалното живеење во земјата, но исто така мерките мора да се почитуваат“, рече Филипче.

Зголемениот број заразени според него е во период кога во сила биле рестрикции и затоа побара од МВР поголема контрола и санкции за тие што не ги почитуваат.