„Даме Груев“ ќе стане булевар

Деновиве е распишан оглас за изработка на проект за инфраструктура со сите фази за улицата „Даме Груев“, од раскрсницата со улицата „Димитрија Чуповски“ и улицата „ВМРО“ до улицата „11 Октомври“ и улица „Филип Втори Македонски“. Од Градот процениле дека изработката на проектот ќе ги чини околу 5.000 евра. 

Оттаму појаснуваат дека е извесно дека годинава ќе бидат готови неопходните проекти како в година би се почнало со теренска реализација на неколкугодишната идеја „Даме Груев“ да стане булевар.

Градоначалникот Коце Трајановски неодамна информираше дека Градот заедно со ИЗЗИС ја разгледува варијантата да бидат урнати само приземјето и првиот кат од крајната вертикала на зградата, па да се постават потпорни столбови и булеварот да минува под зградата. Но, потоа, било утврдено дека зградата не е доволно цврста. Затоа постои и варијанта да се урнат сите четири ката.

Во случај да треба да се урнат сите четири ката, Градот ќе треба и соодветно да го обесштети сопственикот. Таму во моментов никој не живеел, станувало збор за деловни простории, кои наводно не се користат, а се сопственост на некогашно „Центро“.

По барање на градоначалникот Трајановски, Советот на Град Скопје пред извесно време донесе одлука за размена на деловен простор со фирмата „Центро“. За деловниот простор во приземјето на зградата, каде што некогаш беше „Рубин кармин“ и првиот кат, сопственикот доби деловен простор во градската катна гаража „Тодор Александров“.