Дали знаеш како е да бидеш втора жена во очите на човек кому наводно си прва и единствена?

Дали знаеш како е да бидеш втора жена во очите на човек кому наводно си прва и единствена? Дали знаеш како е да лежиш во ист кревет со човек кој се заколнал дека ќе биде со тебе до крајот на животот? Дали се сеќаваш на таа лажлива насмевка пред бакнежот и големиот аплауз на нашите драги луѓе кои ете верувале во нас? Дали ти се гади од ладните допири на мажот кој во твоите наивни очи некогаш бил сѐ она коешто си го сакала? Се чувстуваш ли мизерно кога му го правиш ручекот и му ги пеглаш кошулите чекајќи го да си дојде од работа? Се прашуваш ли каде ти е гордоста? 

Дали знаеш какво е чувството да пронајдеш долго, виткано, кафено влакно на неговата бела кошула која во моментов ја ставаш во машината за перење, знаејќи дека ѝ припаѓаат на друга жена, затоа што еве јас, на пример, немам кафена, виткана коса? Дали знаеш како е да се разбудиш на едната страна од креветот, додека другата страна е празна, затоа што него го нема, затоа што гледа телевизија во дневната, па потоа тајно се прикрадуваш во дневната соба за да гледаш и ти во тој глупав телевизор, само за да сфатиш дека телевизорот е угасен и дека гадот куцка на телефонот и се смешка? 

Не разговара со мене. Никогаш. Не јаде со мене. Не мисли на мене. И не, не ме сака. А пробав сѐ. Се трудев да бидам убава за него. Ставав прекрасна шминка на моето тажно лице, правејќи кловн од себеси. Се облекував во провокативна долна облека која тој ја сакаше. Му ги готвев омилените јадења, го чекав на врата кога доаѓаше од работа. Но, ни тоа не помогна. Па престанав да се шминкам, престанав да се облакам како што тој сакаше. Цел месец ги собирав тие проклети виткани влакна, броејќи колку пати бил кај неа. Пресметував колку минути, а потоа и часови му се потребни за да се врати од работа. На крајот се обидов да разговарам со него и за возврат добив само: „Ти си луда, ти си замислуваш.“ Оди прави нешто корисно. 

Па на крајот тоа и го направив. Наутро кога оди на работа, јас се подготвувам и одам. На пар километри од нашиот стан и нашиот кревет кој заедно го купивме кога се венчавме. Знаеш ли каде одам? Одам таму каде што ме чека доручек и бакнежи во моментот кога се отвора вратата. Одам таму каде што не ни стигнувам да го изедам тој доручек затоа што ме преплавуваат силни страсти на мажот кој толку ме посакува. Па гледаме телевизија и се допираме. Се смееме. Му спијам во прегратка. Ми спие на гради. Ме сака. Го сакам. 

Сега, додека ги тргам кафените виткани влакна од кошулата на мажот, се фаќам самата себеси како по навика ги тргам кратките руси влакна од мојата маица и како брзо ги носам работите на перење, затоа што облеката ми мириса на парфем кој не е на мојот сопруг. 

Дали знаеш како е да се биде втората жена? Онаа која не припаѓа никому, а припаѓа на сите. Која има сѐ додека нема ништо? Чија кожа е кожа на вешт камелеон, а говорот ѝ е говор на професонална глумица. Зад нејзините солзи се крие мислата за човекот кому некогаш одамна му кажав ДА. А за нејзината насмевка се крие мислата за човекот кому не припаѓам, но кој го посакувам.

Дали знаеш какво е чувството да го предадеш оној кој веќе те предал тебе? Како е да осудуваш, додека и самиот си осуден?

Ќе се сеќавам на денот кога пред Бога се заколнавме на вечна љубов и нема да пројде ниту ден, а да не се запрашам кој од нас двајца е крив што лажеме и што до крајот на животот вака ќе се лажеме.